За Министерството за внатрешни работи превентивното работење благодарение и на сесрдната помош и соработка на нашите партнери од ОБСЕ стана еден од основите на полициското дејствување, а во насока на наше целосно трансформирање во квалитетен сервис на граѓаните. Ова, меѓу другото, го истакнал министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во своето обраќање на тркалезната маса „Мултиинституционална соработка за безбедно Скопје“, во организација на Отсекот за развој на полицијата при Мисијата на ОБСЕ во Македонија и во соработка со одделението за превенција при СВР Скопје, информираат од МВР.

Според Спасовски, досегашната практика недвосмислено покажала дека меѓуинституционалната соработка, координираноста и дејствувањето се далеку поефективни од какви било парцијални напори.

„Функционирањето на едно општество или во конкретниот случај – локалната заедница, е преплетен нормиран систем чија ефикасност или одржливост зависи од сите фактори на тој систем. Денешниот настан е пример како разни фактори во општестовото – полицијата, локалната самоуправа, социјалата, образованието, верските заедници, може и мора заеднички да придонесат за воспоставување квалитетни безбедносни стандарди на подрачјето на нашиот главен град“, потенцирал Спасовски.

Инаку, на тркалезната маса, на која, покрај претставници на повеќе владини институции, присуствуваа и претставници на невладиниот сектор и градот Скопје и беше промовиран и прирачникот „Постапување на полицијата во врска со криминалот од омраза“, кој е финален документ од долгогодишната соработка на полицијата и ОБСЕ во оваа област.