Истанбул за пет години би требало да го добие својот втор Босфор за кога се планира и завршувањето на проектот „Канал Истанбул“, кој ќе ги поврзува Мраморното и Црното Море. Поради неговата грандиозност, уште при неговото прво објавување во јавноста во април 2011 година овој проект од страна на медиумите беше лансиран како луд проект.

Досега во игра беа пет алтернативни траси на каналот, но деновиве беше објавена конечната локација на која тој ќе биде изграден. Проектот ќе се реализира на територијата на четири општини на Истанбул – Авџилар, Ќучукчекмеџе, Башакшехир и Арнавутќој, сите во европскиот дел на градот. „Канал Истанбул“ ќе биде долг 45 километри, длабок 25 метри и широк околу 150 метри.

Основната причина за изградба на овој канал е да служи како алтернатива на поморскиот сообраќај на Босфорот. Се предвидува дневно преку каналот да поминуваат околу 150 брода, меѓу кои и најголемите, со што значително ќе се намали фреквенцијата на бродскиот сообраќај на Босфорот.

Камен-темелникот на проектот на новиот канал, кој ќе се протега паралелно со природната теснина Босфор, како што најави претседателот на државата, Реџеп Таип Ердоган, ќе се постави при крајот на декември или на почетокот на 2018 година, а проектот ќе биде завршен најдоцна до 2023 година.

Идејата за поврзување на Мраморното и Црното Море со еден вештачки канал потекнува уште од 16 век. За време на владеењето на Сулејман Величествениот, двајца големи архитекти на тоа време, Мимар Синан и Никола Париси, почнале со подготовка на еден сличен проект, но неговото реализирање било попречено со војните што ги водела османлиската држава. Слични проекти се понудени и во поново време, како, на пример, проектот за сличен канал кој во 1990 година бил предложен од Турскиот завод за научно и технолошко истражување (ТУБИТАК) во една статија напишана од страна на секретарот на Министерството за енергетика на Турција, Јуксел Онем. Во 1994 година бившиот премиер и лидер на Демократската левичарска партија (ДСП), Булент Еџевит, предложил да се изгради канал на европскиот брег на Истанбул, кој ќе ги поврзува Мраморното и Црното Море, и овој проект бил вклучен во брошурите на предизборната кампања на неговата партија.

Со најновата ревизија на планот за изградба на каналот се предвидува и изградба на шест моста со кои ќе се поврзат двата брега. Од нив четири ќе ги гради Главната управа на патиштата на Турција, а другите два Општината Истанбул. Со овие мостови се планира растоварување на сообраќајот на метрополата.

Со реализирање на проектот ќе се засили и урбанизацијата на тој дел од градот. Во новата урбана средина првично било планирано да се населат 1 милион и 200 илјади жители, но потоа се направило планирање за 500 илјади жители. Станбените комплекси, кои ќе се формираат на неговите два брега, се планира да бидат градби во висина од најмногу 6 ката. Проектот опфаќа и изградба на конференциски сали, трговски и туристички центри и паркови.

Цените на плацовите во овој дел на Истанбул веќе се двојно зголемени. Општината Арнавутќој, која се протега до Босфор, со новиот проект „Канал Истанбул“ стана еден од највредните региони за инвестирање во недвижности.

Од 1,5 милијарда кубни метри земја, што ќе се ископа при отворање на каналот, ќе се направат три вештачки острови во Мраморното Море, со површина од 156 до 186 хектари, а на Црното Море ќе биде изградено пристаниште во должина од 48 километри.

Заедно со другите инвестиции што ја опфаќаат и изградбата на третиот аеродром во метрополата, за целиот проект се предвидува да бидат потрошени речиси 50 милијарди долари, а само проектот на каналот ќе чини 10 милијарди долари. При реализацијата на овој проект ќе се создадат приближно 6 илјади нови работни места, од кои 5 илјади ќе бидат лица вклучени во фазата на изградба на проектот.