Сè што е во коритото на Вардар бескомпромисно треба да треба да се отстрани, смета Мирко Поповски, пензиониран хидроинженер. Сите градби што се во коритото Поповски ги гледа како пречка за водата, која не се знае во кој момент може да надојде. „Макфакс“ истражуваше што се треба да се извади од Вардар.

„Галиите, врбите, мостовите, столбовите за панорамското тркало и сè што е во коритото на реката мора да се исчисти. Коритото мора да се врати во нормална состојба. Секоја градба го стеснува просторот за проток на водата и претставува брана. Јас сум од постарите модели, ја паметам поплавата од 1962 година, а и онаа од 1979 година и по земјотресот, ако е нешто направено како што треба, тоа е регулацијата на Вардар. За тоа се направени многубројни студии, кои покажаа дека не само во коритото на Вардар туку и покрај коритото, во заштитна зона од 50 метри од брегот, не треба да се предвидуваат објекти, но последниве неколку години покажаа целосно непочитување на основите на тие студии“, вели хидроинженерот Поповски.

По земјотресот, била формирана меѓународна Дирекција за интегрален развој на сливот на реката Вардар, во која членувале претставници од Македонија како дел од поранешна Југославија, но и Грци поради вливот во Егејското Море. Освен оваа меѓународна Дирекција, била формирана и Дирекција за регулација на Вардар задолжена за делот во Скопје, т.е. локална.

„Беа направени студии за регулацијата на реката со врвен квалитет. Правени се геомеханички испитувања, кои покажаа дека делот околу реката не е погоден за градби. Градби се изводливи, но се прескапи оти само темелите би чинеле колку половина објект.

Темелите на сегашните градби покрај коритото на Вардар се под нивото на реката и сосема е очекувано да се поплавуваат“, вели Поповски.

Претходната владејачка гарнитура му се јавила на Поповски за дел од градбите од „Скопје 2014“, но неговото мислење било отфрлено.

Градбите во коритото на Вардар немаат хидротехнички елаборати, алармира архитектот Мирослав Грчев, чиј став е дека тие не треба да останат во реката ни ден повеќе

„Ме побараа за врбите и за мостовите. Јас веднаш им кажав дека и без посебна анализа, мојот став е дека во коритото на Вардар не треба да се гради. Ми рекоа, ако ти не попишеш, ќе најдеме некој што сака да потпише и навистина најдоа. За врбите два дена се објаснувавме. Им кажав дека ако ставам потпис на такво нешто, ќе избришам сè што сум работел последниве 40 години. Исто и за мостовите. Кога се прават мостови, се внимава на хидрауличен отвор на мостот, под мостот мора има простор за да помине одредено количество вода. Класичен пример како не треба да се прави е мостот ‘Око’ оти тој го намалува тој хидрауличен отвор“, рече Поповски.

Пред да почне проектот „Скопје 2014“ најголема опасност за време на поплава претставувал пешачкиот мост зад Владата. За време на поплавата од 1979 година Поповски вели дека хидроинженерите, кои постојано ја следеле состојбата, биле подготвени со експлозив да го кренат во воздух мостот за да не се претвори во брана. Ја исекле оградата за да ги пропушта дрвјата што ги носела водата, а кога водата го прелеала мостот, на неколку места поставиле експлозив и биле подготвени да го притиснат копчето доколку порасне водостојот.

Град Скопје, Министерството за култура и Општина Центар во моментот прават анализи за тоа како да се постапи со објектите од проектот „Скопје 2014“, во кои спаѓаат и градбите во коритото на Вардар. Со нив веќе осма година се менува текот на водата.  Анализите треба да покажат дали и без поплава кај некои од нив ќе се користи експлозив за да се расчистат од коритото.

Од минатонеделното излевање на Врадар

Мирослав Грчев, претседател на работното тело формирано во Министерството за култура за ревизија на проектот „Скопје 2014“, вели дека личниот став му е оти сите градби треба да се извадат од коритото. Ставот на телото сè уште не е утврден оти овие градби сè уште не дошле на дневен ред.

„Сè уште не сме одлучувале за градбите во Вардар. Имаме став само за тоа дека треба да се разгледуваат како целина, како објекти во коритото, а не да ги разгледуваме секој одделно оти сите повеќекратно ги прекршуваат законите. Немаат хидротехнички елаборати со кои ќе ја докажат безбедноста и за објектите и за реката. Тие ја дерогираат регулацијата на Вардар и изградени се само врз основа на ливче со одобрение од „Водостопанство“, спротивно на Законот за градбата, но и на Законот за водите. Сè уште не сме ги обработиле од причини што ги немаме сите документи поврзани со нив. Побаравме од Град Скопје да ни ги обезбеди документите што ги има за мостовите од 2013 година наваму за да можеме да ги провериме. Генералниот став е дека она што е изградено спротивно на законот е нарушување на Уставот и на правниот поредок и не треба да постои. Мојот, пак, личен став е дека со секој нов ден тие градби само ја зголемуваат веројатноста за поплавување на градот и ја намалуваат безбедноста на граѓаните“, вели Грчев.

За изградба на сè она што, според експертите, треба да се извади од Вардар, потрошени се најмалку 7,3 милиони евра според официјално објавените податоци за цената на секоја градба одделно.

Град Скопје веќе го стопира панорамското тркало. Од анализите зависи како ќе се постапува понатаму со големите столбови и делот од мостот што се веќе изградени за тркалото. Тоа почна да се гради во 2014 година непосредно откако Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) му донира еден милион евра на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП), кое стана официјален инвеститор на тркалото, кое го најави Владата предводена од Никола Груевски. Изградбата, според склучените договори, требаше да надмине 18 милиони евра, што го вброи тркалото меѓу најскапите од проектот „Скопје 2014“. Колку пари досега се потрошени за него јавно никој не кажа, со исклучок на донацијата од еден милион евра од АЕК.

Во Вардар, од двете страни на Камениот мост, Град Скопје постави фонтани. Уште кога почна нивната изградба во 2010 година, експертите предупредија дека се промашена инвестиција, а во тоа се уверија и оние што се залагаа за нив, но дури во моментот кога беа пуштени во употреба. Место водоскоци покрај мостот, фонтаните фрлаа млазови кал, во нив се заглавуваше и целото ѓубре што го носеше реката. Минатата година во фонтаните заглави и мртва крава, која од водата ја извади Противпожарната бригада на Скопје. Поради таквото искуство, скопјани ретко кога ги гледаа вклучени. За двете фонтани Град Скопје потроши 831.488 евра и од двете страни на Камениот мост во реката изгради посебни простории со инсталации.

Во коритото на реката се и врбите за кои се потрошени 317.435 евра. Експертите велат дека и ним не им е местото во Вардар. На забелешките дека на многу места во светот во реките има слични поставки, експертите велат дека таквите примери се на реки што се многу поголеми од Вардар и во нив поставувањето скулптура е како фрлање камче песок во водата, а кај нас со инсталациите за врбите одземен е значаен дел од коритото.

И архитектите, и урбанистите и градежните инженери сметаат дека двата нови моста треба да се отстранат

За пешачките мостови – мостот „Око“, преименуван во „Мост на цивилизациите“, и за „Мостот на уметноста“, се потрошени повеќе од 4 милиони евра. Дополнително, за скулптурите на „Мостот на уметноста“ се потрошени 538.521 евро и 648.740 евра за скулптурите на „Мостот на цивилизациите“. И архитектите, и урбанистите и градежните инженери сметаат дека двата моста треба да се отстранат.

На листата за можно отстранување од Вардар се и трите галии. За да ја овозможи нивната изградба, Град Скопје ги изгради постаментите и овозможи приклучоци за струја и вода. Изградбата ја финансираа сопствениците што ги добија локациите на десетгодишно користење. Имаат обврска на Градот да му плаќаат закуп од по речиси 1.000 евра месечно во рок од десет години на колку што им се дадени локациите. Кога новиот скопски градоначалник Петре Шилегов најави дислокација на галиите, сопствениците најавија дека ќе се жалат и ќе бараат отшетта. Градоначалникот ги смири со ветување дека за дислокацијата ќе одлучуваат заеднички и нема да преземат мерки без сопствениците на галиите.

Пред две години во герилска акција околу галијата „Ројал Македонија“  беа поставени ајкули од стиропор во знак на револт од проектот „Скопје 2014“

Две од трите галии ги изгради фирмата „Фаланга дим“, сопственост на Давор Андревски, сопственик на фризерското студио „Диор“, но годинава како нивни сопственици се јавуваат други фирми. Третата галија, онаа спроти барокната зграда на Архивот, ја изгради Столе Филиповски, сопственик на ресторанот „Воденица“.

Останаа неизградени уште три галии во Вардар, а во урбанистичкиот план се предвидени и уште две скулптури во реката, по една од двете страни на мостот за панорамското тркало.

Бурни реакции во јавноста предизвикаа галиите уште во моментот кога беа најавени, а подоцна кога веќе беа изградени, скопјани на разни начини покажуваа дека не се согласуваат тие да стојат во реката. Пред две години, летото 2015 година, во герилска акција околу галијата „Ројал Македонија“, која е спроти новиот театар, во водата беа поставени ајкули од стиропор. Ги извади командантот на Противпожарната бригада на Скопје. Неколку дена подоцна, исто така во герила-акција, покрај галијата беше поставена голема табла со наводен возен ред на галиите, во кој беше наведено дека пловат до Солун, до Пустец и до Подградец и дека со нив стопанисува претпријатието„Јавна пловидба Скопје“ како подружница на Јавното сообраќајно претпријатие. И таблата со возен ред, откако беше раширена на социјалните мрежи, беше отстранета по налог на градските власти, но пораката дека галиите не се пожелни веќе беше испратена до јавноста.