Македонската филхармонија првиот симфониски концерт во новата 2018 година ќе го одржи на 18 јануари, четврток, со почеток во 20 часот, под наслов „Лауреати“.

Заедно со оркестарот на Македонската филхармонија, како солист ќе настапи „чудото од дете“, рускиот виртуоз на пијаното и лауреат на престижниот натпревар „Чајковски“ – Даниел Харитонов.

Харитонов, кој настапува со врвни оркестри и диригенти ширум светот, за македонската публика ќе го изведе раскошниот концерт за пијано и оркестар бр. 1 од Франц Лист.

Диригентската палка овој пат му е доделена на почитуваниот маестро Даниел Рајскин од Русија, а на програмата се и атрактивната увертира „Карневал“ од Антонин Дворжак, како и славната Симфонија бр. 2 од Јан Сибелиус. Билетите се веќе достапни.