Доколку некогаш сте се прашале кое е совршеното место за набљудување на поларната светлина, еден од најдобрите одговори би бил – од удобноста на вашиот кревет. Вгнездени меѓу снег и мраз, колибите во финското одморалиште Какслаутанен нудат токму вакво искуство.

Објектите во ова одморалиште се направени од посебно стакло кое добро ја задржува топлината, па нема потреба да стравувате дека ќе ви студи додека го набљудувате небото над вас.

Безжичен интернет е достапен само на рецепција, што значи дека колибите се дизајнирани за дигитална детоксификација, што може да претставува проблем за оние што се навикнати на социјални мрежи во секое време.

Хотелот располага со 53 колиби и најпосетен е во времето кога на небото може да се забележи феноменот аурора бореалис, односно од август до април. Иако Какслаутанен е на совршена локација за гледање на играта на светлината на небото бидејќи нема загадување, хотелот не гарантира дека сигурно ќе ја видите, што е нагласено на нивната интернет-страница.

Претставата на небото може да трае пет минути или цела ноќ, во зависност од многу фактори, како што се магнетната активност, позицијата на сонцето и нивото на облачност.