Компанијата „Гугл“ објави дека ќе вложи 25 милиони долари во проекти кои бараат начини преку вештачката интелигенција (АИ) да се создаде похумано општество.
Оваа програма е дел од една поширока иницијатива на „Гугл“, наречена „АИ за општествено добро“, која има за цел да се намали загриженоста дека напредокот на вештачката интелигенција ќе уништува работни места, па дури и дека ќе се користи од армиите за софистицирано убивање.
Други технолошки компании презедоа слични чекори за справување со етичките прашања поврзани со вештачката интелигенција. „Мајкрософт“ издвои 115 милиони долари за иницијативата „АИ за добро“ наменета за организации кои развиваат вештачка интелигенција за хуманитарни, еколошки и проекти од интерес на заедницата.
За време на презентацијата во Санивејл, Калифорнија, „Гугл“ претстави како вештачката интелигенција се користи за дијагностицирање болести, помагање на луѓето со хендикеп, предвидување на ризикот од поплави и за заштита на загрозените видови.
Сепак, и покрај обврските што ги преземаат гигантите како „Гугл“ и „Мајкрософт“, стравувања од скршнување на вештачката интелигенција во погрешен правец и натаму постојат.
Така на пример, и покрај ветувањата дека ја користи вештачка интелигенција за добри цели, „Мајкрософт“ во моментов се бори за голем договор со американската армија, што претходно овој месец доведе до испраќање на голем број писма од групи на вработени загрижени дека компанијата може да ги предаде свои принципи во однос на вештачката интелигенција.