6 C
Skopje
вторник, март 19, 2024
More

    ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

    Изложба на фотографии „Париски перспективи“ на Роберт Јанкулоски

    Изложбата на фотографии „Париски перспективи“ на македонскиот уметник Роберт Јанкулоски ќе биде отворена денеска, во 18 часот, во просториите на Францускиот институт во Скопје.

    Отворањето на изложбата ќе биде проследено со предавањето „Старата фотографија како инспирација во моите дела“, за време на кое Јанкулоски, директор на Македонскиот центар за фотографија, еминентен познавач на делото на браќата Манаки и актуелен декан на Катедрата за визуелни уметности при Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА во Скопје, ќе направи ретроспектива на неговото дело и ќе говори за старата фотографија како инспирација во неговата работа.

    Изложбата ќе биде отворена до 19 февруари во излогот и во просториите на Францускиот институт во Скопје.

    Македонскиот визуелен уметник Роберт Јанкулоски е роден во 1969 година во Прилеп. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности во Скопје, на Катедрата за камера. Тој има богато искуство, особено во доменот на старата фотографија, која му служи како инспирација за голем дел од неговите фотографии и дела. Во 2016 година фотографски дела на браќата Манаки во контекст на Првата светска војна беа изложени во Меморијалниот музеј на Каен, Франција. Фотографските дела на браќата Манаки, првите кинематографи на Балканот, ги има изложувано и во САД, Белгија, Турција, како и низ повеќе културни институции во Македонија. Јанкулоски е познат по неговата неуморна работа врз дигитализирањето и обработката на стаклените плочи што се чуваат во Подрачното одделение на Државниот архив на Македонија во Битола, по неговото успешно заживување на фотографското наследство на браќата Манаки и возобнувањето на подзаборавените спомени од
    битолскиот регион и Македонскиот фронт, од почетокот на дваесеттиот век. Седумнаесет фотографии од браќата Манаки се постојано изложени во Меморијалниот комплекс на Француските воени гробишта во Битола. Има реализирано бројни самостојни изложби во земјава и странство: Турција,
    Србија, Црна Гора, Франција, Бугарија, Австрија, а добитник е и на повеќе награди.
    Работел и како директор на фотографија на повеќе краткометражни и документарни филмови, а во 2017 година го реализира долгометражниот документарен филм „Манаки, приказна во слики“.
    Во 2018 година, овој уметник беше одликуван од страна на амбасадорот на Франција со орденот витез од Редот на уметностите за неговиот придонес во збогатувањето на македонско-француските односи на полето на културата. Основач е на Македонскиот центар за фотографија во 2000 година, а во моментов е професор и декан на Факултетот за филмски уметности на Универзитетот за
    аудиовизуелни уметности – ЕФТА Париз-Скопје-Њујорк во Скопје.

    Latest Posts

    АКТУЕЛНО

    Stay in touch

    To be updated with all the latest news, offers and special announcements.