Германскиот суд казни три лица затоа што не сакале да му помогнат на еден пензионер кој се онесвестил во банка и лежел на подот. Луѓето што се нашле во банката го заобиколувале, а некои дури и го прескокнувале.

83-годишниот пензионер се онесвестил и удрил со главата во подот, и така онесвестен лежел пред банкомат во една банка во Есен, во западниот дел на Германија.

„Никој не сакал да помогне“, рекол судијата Карл-Петер Витенберг кога им ја изрекувал казната од 3.600 евра на 39-годишна жена и на двајца мажи на возраст од 55 и 61 година.

Двајцата обвинети изјавиле на судењето дека мислеле дека 83-годишен пензионер е бездомник и дека заспал.

Инаку, пензионерот лежел на подот во банката 7 минути, односно сè додека еден од клиентите не повикал брза помош, која пристигнала по 20 минути и го однела старецот во болница, каде што и починал.

Лекарите тврделе дека тој би починал и доколку веднаш добиел прва помош.