Македонија и Германија одиграа нерешено, 25:25, во последното коло од првата фаза од Европското првенство во ракомет коешто се игра во Хрватска.

Македонските ракометари добро го почнаа натпреварот, играјќи со тактика во напад 7 наспрема 6, што се покажа успешно, а нашите ракометари успеаја да постигнат резултатска предност во првите 15 минути од натпреварот. По првичниот налет на Македонија, следуваше период во којшто Германците се вратија во игра, имаа три поени предност, а на полувремето репрезентациите заминаа со резултат 12:11 во корист за Германија.

Второто полувреме беше многу поизедначено и се играше цврста игра, гол за гол. Македонија имаше напад за победа, но на десетина секунди пред крајот Стојанче Стоилов не погоди од линијата од шест метри. Најефикасен во македонската репрезентација беше Филип Талевски  со 6 гола, додека Дејан Манасков и капитенот Кирил Лазаров имаа по 5 постигнати погодици. Во следната фаза, којашто се игра во Вараждин, Македонија оди како првопласирана и пренесува три поени.