6 C
Skopje
вторник, март 19, 2024
More

    ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

    Македонската филхармонија со концерт посветен на Бетовен

    „Бесмртност“ е насловот на претстојниот симфониски концерт на Македонската филхармонија, кој ќе се одржи овој четврток, 31 јануари, во 20 часот. Под диригентство на маестро Сашо Татарчевски, концертот ќе биде посветен на творештвото на музичкиот гигант Лудвиг ван Бетовен.

    На програмата се неговите моќни дела: Увертира за именден оп. 115, Хорска фантазија за пијано, хор и оркестар оп. 80, каде што како солист ќе се претстави македонската истакната пијанистка Нина Костова-Јаневска, како и Симфонијата бр. 2 во Де-дур.

    Учество ќе земат и хорот „Драган Шуплевски“ од Факултетот за музичка уметност, како и професионалниот хор „Проарс“ и солистите: Јаворка Витанова и Мартина Нанеска – сопрани, Бојана Јованова – алт, Јане Дунимаглоски и Шинаси Рамадан – тенори и Мартин Блажевски – бас.

    Музичкиот Прометеј, Лудвиг ван Бетовен (1770–1827), германскиот композитор што ќе ги направи најхрабрите чекори во музиката, особено во сонатно-симфониската форма, се смета за првиот европски романтичар. Биографите запишале: „Бах го усовршил постојното. Моцарт е најсјајниот момент во историјата на музиката. А Бетовен е моќта! Човекот што успеал да ја удави сопствената судбина“.

    Бидејќи бил глув, и самиот знаел да каже дека за неговата професија тоа е најстрашното нешто што можело да му се случи. Но, се победил самиот себеси и формирал сопствена филозофија на животот, која ќе стане инспиративна основа на целокупното негово творештво. За неговиот композиторски стил се карактеристични афористички куси, пластични тематски јадра, од кои органски расте целокупниот материјал. Зад себе оставил најмоќен музички опус во музичката историја: девет симфонии, од кои пет се вбројуваат меѓу 12-те најдобри во историјата, пет ненадминливи клавирски концерти, Концерт за виолина и оркестар, 16 гудачки квартети, 32 сонати за пијано (форма што ќе ја доведе до совршенство), две миси, десет увертири, десет сонати за виолина и пијано, пет сонати за виолончело и пијано, една опера…

    Latest Posts

    АКТУЕЛНО

    Stay in touch

    To be updated with all the latest news, offers and special announcements.