6 C
Skopje
вторник, март 19, 2024
More

    ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

    Македонскиот филм „Медена земја“ во конкуренција за најдобар документарец на „Санденс“

    Документарниот филм „Ханиленд“ („Медена земја“) премиерно ќе биде прикажан на 38. издание на филмскиот фестивал „Санденс“, чие годинешно издание ќе се одржи од 24 јануари до 3 февруари во Јута, САД. Премиерата е закажана за 28 јануари по што во рамките на фестивалот следуваат уште седум проекции. Документарецот е во официјална конкуренција на престижниот фестивал за независни филмови во категоријата со уште 11 други документарни филмови од целиот свет.

    Детали за филмот, неговата реализација и возбудата пред премиерата во „Санденс“ ја споделија членовите на филмската екипа на денешната прес-конференција што се одржа во Младинскиот културен центар.

    „Влегувањето на ‘Медена земја’ во официјална конкуренција на долгометражни документарни филмови на еден од најзначајните фестивали во светот е од големо значење за екипата на филмот, но и за македонската кинематографија. ‘Санденс’ е најголем американски фестивал на независен филм и еден од најпрестижните во светот, на ниво на фестивалите во Берлин, Кан, Венеција и други. Ова е првпат македонски долгометражен документарен филм, со мнозинска домашна копродукција, да влезе во конкуренцијата на ‘Санденс’“, истакна продуцентот Атанас Георгиев.

    Според директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија, ова е голем успех за македонската кинематографија, која по долго отсуство од мапата на значајните филмски смотри, сега е видлива на престижните филмски фестивали.

    „Документарниот филм во селекциите на филмските фестивали во последната деценија го врати интересот на публиката и критиката. Нè радува фактот што имаме документарен филм во селекција на еден од четирите водечки фестивали во светот, а сигурен сум дека вакво одлично остварување по премиерата ќе има долг фестивалски живот. Со влезот на македонските филмови на ‘Санденс’, а идниот месец и на Берлиналето, нашата кинемтографија доживува бум и се надевам дека овој континуитет ќе продолжи“, рече Тозија.

    Филмот е во режија на Љубо Стефанов и Тамара Котевска, а продуцент е Атанас Георгиев, кој ја направи и монтажата. Сниматели се Фејми Даут и Самир Љума. Зад музиката стојат членовите на групата „Фолтин“, а како музички супервизор се јавува Рана Еид од „ДБ студиос“ од Бејрут.

    „Тригодишната работа на ‘Медена земја’ донесе две клучни работи во мојот живот – созревање како човек и автор и уште една голема фамилија составена од екипата со која поминавме многу неверојатни настани, како и протагонистите на филмот, кои нè прифатија со цело срце. ‘Медена земја’ не е само филм што го направивме. ‘Медена земја’ е животно училиште за сите нас, кое нè научи на многу поскромен однос кон животот и многу побескомпромисен пристап кон самото создавање филм. Може да се рече дека за големината на она што го направивме и ќе му го оставиме на светот да го види и самите сè уште не сме доволно свесни и допрва ќе посведочиме.
    Но, по тригодишната максимална посветеност на целата екипа и вниманието што го предизвика уште пред неговото завршување, на сите ни беше очекувана фестивалската кариера што му следува. Но, со премиерата на ‘Санденс’ во официјалната селекција се оствари нашата најголема заедничка желба, токму поради тоа што овој фестивал од светски рамки поддржува независни филмови и изборот на темите со кои се занимава се, пред сè, општествено ангажирани, а не арт хаус“, вели режисерката Котевска.

    „Медена земја“ раскажува приказната за Атиџе, последна жена одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата мајка во централна Македонија. Главна идеја на филмот е да се прикаже припадноста на човекот кон природата и нарушување на природната рамнотежа преку судир на два начина на искористувања на Земјините расурси.

    „Филмот е повеќеслоен, го покажува животот сам по себе. Опфаќа раѓање, живот и смрт. Главната порака е дека треба да има фер поделба, односно користење на природните ресурси. Тоа, всушност, е принципот на одгледување на пчелите на Атиџе, која половина од медот го зема за себе, а половина им го остава на пчелите“, открива режисерот Љубо Стефанов.

    Документарецот, кој е во продукција на „Аполо медија“ и „Трис филмс“, е реализиран како дел од Програмата за зачувување на природата во Македонија – проект на Швајцарската агенција за развој и соработка, координиран од „Фармахем“, а поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија.

    Снимањето на „Медена земја“ почна во 2015 година, а филмот лани ја освои наградата „Најдобро дело во развој на 23. Сараевски филмски фестивал. Премиерата во Скопје ќе се одржи на почетокот на март, а детали за датумот и местото на одржување ќе бидат соопштени по враќањето на екипата од САД.

    По премиерата во Парк Сити, ќе следуваат уште 4 проекции во овој град, а две се планирани во Солт Лејк Сити. За претставувањето за време на „Санденс“ ангажиран е публицистот Рајан Вернер, кој ќе организира промотивен настан за „Медена земја“, на кој ќе се дегустира автентичниот мед, собран од Атиџе, главниот протагонист во филмот. Планирани се и работилници, интервјуа, презентации, а закажани се и две претпремиерни проекции за новинарите и за филмските критичари во Њујорк и во Лос Анџелес.

    Latest Posts

    АКТУЕЛНО

    Stay in touch

    To be updated with all the latest news, offers and special announcements.