Денеска, ќе се одржи бизнис-форум „Македонија-Бугарија 2019“, кој се организира по иницијатива на заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, и потпретседателот на Советот на министрите на Република Бугарија, Томислав Дончев.
Бизнис-форумот ќе се одржи во хотелот „Александар палас“, а ќе почне во 10.30 часот со воведни обраќања на македонскиот и бугарскиот вицепремиер, како и на министерот за економија, Крешник Бектеши, заменик-министерот за економија на Република Бугарија, Александар Манолев, и заменик-министерката за туризам на Република Бугарија, Ирена Георгиева.
Се очекува присуство на претставници на над 50 компании од Република Бугарија и уште поголем број претставници на македонски компании на овој бизнис-форум, кој е прв по потпишувањето на договорот за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу двете земји во 2017 година. Компаниите од двете земји ќе имаат можност да остварат меѓусебни средби за време на форумот, со цел интензивирање на меѓусебните бизнис-односи.