Чилеанските власти не му дозоволиле на поранешниот шампион во тешка категорија Мајк Тајсон да влезе во земјата и тој со првиот авион ќе биде вратен назад во САД. Полицијата соопшти дека Тајсон, пoради своето кривично досие, не ги исполнува условите за влез во Чиле.

Истражната служба на чилеанската полиција, која е еквивалент на американското федерално истражно биро (ФБИ) има право да им забрани влез во земјата на странците кој во своите држави се осудувани или се под истрага за било какво дело.

„Во тој контекст е и Тајсон, кој повеќе пати е осудуван. Поради тоа му е забранет влез во земјата“, изјавила портпаролката Наталија Алварадо.

Тајсон во Чиле требало да учествува во промотивни активности за една телевизиска станица.

На поранешниот шампион во тешка категорија во 2013 година не му беше дозволен влез во Велика Британија.

Тајсон три години помина во затвор откако беше осуден за силување на тинејџерка во 1992 година. Исто така тој е осудуван и поради напад и поседување кокаин.