6 C
Skopje
вторник, март 19, 2024
More

    ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

    Почина актерот Славко Нинов

    По кратко и тешко боледување на 74-годишна возраст почина актерот Славко Нинов (1945-2019). Целиот работен век од 1965 година до пензионирањето Славко Нинов го помина во Македонскиот народен театар, а во периодот од 1988 до 1993 година ја извршуваше функцијата директор на Драмата при МНТ.

    Покрај улогите во 50-тина претстави на репертоарот на МНТ Славко Нинов ќе остане запаметен по извонредните интерпретации на стихови од македонските поети Петре М. Андреевски, Анте Поповски, Гане Тодоровски, Кочо Рацин, Блаже Конески, како и на делото „За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков. Неговиот глас ја пренесуваше возбудата од стиховите на бројни странски поети кои учествуваа на Струшките вечери на поезијата, а често беше присутен и на промоциите на делата од македонските автори. Тој беше и еден од основоположниците на културната манифестација „Поетска ноќ во Велестово“.

    Првите улоги на сцената на Македонски народен театар Славко Нинов ги остварува во 1965 година во претставите „Дон Цезар од Базан“, „Македонска крвава свадба“, а потоа настапува и во „Ревизор“ (1966), „Случајот во Виши“, „Време од вашиот живот“, „Антигона“, „Сенка“ (1967). Во селективната театрографија ќе ги спомнеме и претставите „Мајка“ (1968), „Печалбари“, „Играта на наредникот Мазгрејв“ (1969), „Венецијанскиот трговец“ (1970), „Херкул и оборите на Авгиј“ (1971), „Животот на Галилеј“ (1972), „Ѕидот водата“, „Деца на сонцето“ (1973), „Потоп“ (1974), „Хемиските потписи на човечките организми во воздухот“ (1975), „Отепвачка“ (1976), „Студенти“ (1977), „Суд“ (1978), „Кенгурски скок“, „Лов на диви пајки“ (1979), „Автобиографија“, „Реферат“, „Беседа“, „Круг“, „Кандид“ (1980), „Молскавици“ (1981), „Граѓанинот благородник“ (1982), „Макавејските празници“ (1983), „Големиот брилијантен валцер“ (1986).
    Покрај актерските улоги Нинов направил адаптација на претставата „Македонски монолог“ (1979), а ги преведувал текстовите за претставите „Зора на истокот“ (1991) и „Мартолозот“ (1992).

    Учествувал во снимањето на филмовите „Ветар во кутиче кибрит“ (1970) и „Вител“ (1972). Учествуваше и во снимањето на познатата телевизиска серија „Волшебното самарче“ (1975). До крајот на својот живот остана посветен на правилната и вознесена интерпретација на стиховите од македонските поети.

    Посмртните останки на Славко Нинов ќе бидат изложени во капелата на гробиштата Бутел на 26 јануари, во 12 часот, а погребот ќе биде во 13 часот.

    Македонскиот народен театар сочувствува со болката и ја почитува желбата на семејството последното патување на актерот да не се одбележи со комеморација, што впрочем и беше желба на секогаш скромниот Славко Нинов.Вечна му слава!, соопшти МНТ.

    Latest Posts

    АКТУЕЛНО

    Stay in touch

    To be updated with all the latest news, offers and special announcements.