Новак Ѓоковиќ новата сезона ќе ја започне на АТП-турнирот во Доха, соопшти организаторот.

Ѓоковиќ, кој годината ја заврши на 12. место на АТП-листата, поради повредата на лакотот, направи долга пауза. Тој не играше од четврт-финалето на Вимблдон кога му го предаде мечот на Томаш Бердих.

Инаку, официјално на терените Србинот ќе се врати на егзибицискиот турнир во Абу Даби.

АТП-турнирот во Доха се игра од 1 до 7 јануари, а учеството го потврдија Доминик Тим, Пабло Карењо-Буста, Томаш Бердих, Жо-Вилфред Цонга…

Овој турнир за учесниците е подготовка за првиот гренд слем во сезоната, Австралија опен.

Ѓоковиќ ја брани титулата во Доха, тој на почетокот на годината во финалето го победи Енди Мареј.