6 C
Skopje
петок, март 29, 2024
More

    ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

    Онлајн-проекција на документарниот филм „Маргина“

    „КСП Центар-Јадро“ организира онлајн-проекција на документарниот филм „Маргина“ и разговор со режисерот на филмот, Љупчо Темелковски.

    Проекцијата ќе може да се проследи денеска (10 ноември) во 18.30 часот на фејсбук-профилот на „КСП Центар-Јадро“ (https://tinyurl.com/y2k83s6l). По филмот, ќе има дискусија со режисерот Темелковски, на која публиката ќе може да учествува со свои коментари и прашања.

    „Маргина“ го прикажува животот во ромската заедница давајќи многу интимен увид во реалноста на едно ромско семејство во Македонија, кое постои на работ од европското општество. Без очигледен патос, филмот го прикажува секојдневниот семеен живот, обележан со социјална маргинализација и економски тешкотии, но и вообичаени домашни проблеми. Присуството на камерата е блиско, но сепак чувствително, наоѓајќи јазик преку набудување, што на семејната приказна ѝ дава своја платформа. Како и многу Роми од регионот, така и членовите на ова семејство се принудени да заработуваат за живот со сечење огревно дрво за нивното неромско соседство. Со тоа тие тесно комуницираат со македонското етничко мнозинство и стануваат предмет на повеќе или помалку груби форми на расизам. Многу сцени не се лесни за издржување поради структурното, а честопати и несвесното вербално насилство што се случува. Во потрага по подобар живот, семејството одлучува да се обиде да се снајде во Германија со цел да побара азил и да ја помине зимата таму. Филмот прикажува една потресна врска помеѓу индивидуална приказна и глобалната состојба на поголеми приливи на бегалци.

    Љупчо Темелковски е роден 1979 година во Македонија. Своето образование го завршил во областа фотографија, видеоуметност, наративен филм и генеративна уметност. За неговиот социјален ангажман преку неговите проекти, Темелковски доби стипендија од Фондацијата „Роза Луксембург“. Неговите дела беа прикажани на разни национални и меѓународни уметнички фестивали и галерии. Од 2016 година работи како социјален работник помагајќи им на ромски семејства од Југоисточна Европа.

    „Маргина“ ја имаше својата промоција во 2015 година на македонските филмски фестивали.

    Дискусијата е дел од годишната програма на „КСП Центар-Јадро“, која е финансиски поддржана од Министерство за култура на РСМ.

    Latest Posts

    АКТУЕЛНО

    Stay in touch

    To be updated with all the latest news, offers and special announcements.